Loading

Зајакнување на отпорноста во Западен Балкан

This page is also available in EnglishGerman, Albanian and Bosnian-Montenegrin-Serbian.

Во сржта на активностите на ГИ-ТОК во Западен Балкан е ангажманот со невладините организации, медиумите и академските кругови. Тие се клучни партнери кога станува збор за собирање информации и истражување ризици, но и за подигнување на свеста за влијанието на организираниот криминал врз локалните заедници и зајакнување на отпорноста. Во текот на изминатите три години, работевме со многу храбри луѓе кои се во првите редови на отпорноста во Западен Балкан и претставуваат пример за своите заедници и пошироко.

Во продолжение дознајте повеќе за тоа како граѓанското општество се справува со организираниот криминал во Западен Балкан и за работата на ГИ-ТОК за зајакнување на отпорноста.

Што е отпорност на заедницата и зошто е потребна?

Организираниот криминал претставува значајна грижа за многу заедници ширум Западен Балкан, кои се изложени на плејада проблеми, вклучувајќи корупција, изнуда, трговија со дрога, криумчарење мигранти, еколошки криминал, перење пари, па дури и кибер-напади.

Отпорноста ја дефинираме како способност на заедницата позитивно да одговори на влијанието на овие и други видови организиран криминал и да ги трансформира заедниците да напредуваат.

Конкретните активности кои се дел од овие иницијативи се толку различни колку и основните грижи и вклучуваат поддршка на жртвите, кампањи за превенција, поддршка на млади кои се под ризик, работилници во заедницата, градење капацитети, градење мрежа, застапување, влијание врз јавната политика и прекинување на насилството преку дијалог.

Временска рамка на нашиот ангажман за зајакнување на отпорноста низ целиот регион.

2018 г.:

Почнување со ЈИЕ-Опс и први активности во Западен Балкан.

Јуни 2019 г.:

Состаноци помеѓу чинителите на граѓанското општество во врска со локалните жаришта и регионалните трендови во шесте главни градови на земјите од регионот.

Февруари 2020 г.:

Фондот за отпорност започнува со активности во Западен Балкан. Вкупно 16 граѓански организации добиваат грантови за спроведување локални проекти во 2020 година.

Ноември 2020 г.:

За прв пат се организираат национални дијалози за отпорност во шесте главни градови на земјите од Западен Балкан. На овие хибридни настани, претставници од невладините организации, медиумите и академската заедница разменија искуства и експертиза за актуелните трендови на организираниот криминал, а и разговараа за предизвиците на граѓанските организации во справувањето со ранливоста на организираниот криминал.

Декември 2020 г.:

Онлајн меѓурегионален дијалог за отпорност за да се зајакнат врските помеѓу граѓанските организации што се занимаваат со организираниот криминал и корупцијата низ целиот регион и да им се овозможи да учат од добрите практики и релевантната експертиза што се користат во други делови на светот.

2021 г.:

Фондот за отпорност поддржува 14 нови проекти кои ги спроведуваат локални граѓански организации во Западен Балкан.

Март 2021 г.:

Објавување на извештајот Посилни заедно: Јакнење на отпорноста на граѓанското општество на Западен Балкан. На овој настан се приклучува Дуња Мијатовиќ, комесар на Советот на Европа за човекови права.

Септември – Декември 2021 г.:

Организирани се шест национални состаноци за отпорност, со физичко присуство, овојпат со посебен фокус на градење мостови со владата.

Декември 2021 г.:

Регионален дијалог за градење соработка: серија онлајн состаноци за поддршка на напорите на граѓанското општество да се најдат одржливи партнери во граѓанското општество, владата и приватниот сектор.

2022 г.:

Објавување на серијата извештаи за отпорност на Балканот: 3 кратки извештаи на темите поврзани со родот и организираниот криминал; конфискација и социјална реупотреба на средства и зајакнување на отпорноста на младите кон организираниот криминал.

Што претставуваат дијалозите за отпорност?

Дијалозите за отпорност се серија настани во заедницата, каде меѓу актерите на граѓанското општество се споделуваат знаење и искуство со цел да се зајакне нивната отпорност на организираниот криминал. Тие нудат безбеден простор за размена и заедничко учење на сите учесници и можност за идентификување заеднички области на работа, како и создавање мрежа за размена и поддршка од заедницата.

Во ноември 2020 година, кога беа организирани за прв пат, настаните ги собраа клучните претставници на граѓанското општество од целата земја за да промовираат вмрежување, соработка, колективно дејствување и да обезбедат можности за споделување искуства, дискусија за заеднички предизвици, како и зајакнување на меѓусебната поддршка и помош. На шестте хибридни настани присуствуваа над 110 претставници од медиумите, академската заедница и невладините организации.

Во 2021 година, фокусот беше ставен конкретно на градење мостови со владите и изнаоѓање заеднички влезни точки во борбата против организираниот криминал. Сите дискусии се одржаа според правилата на „Чатам Хаус“.

Извештај Посилни заедно

Овој извештај е резултат на дијалозите за отпорност одржани во 2020 година и го разгледува организираниот криминал во Западен Балкан од перспектива на граѓанското општество. Дава преглед на тоа како граѓанските организации во Западен Балкан се справуваат со прашањата поврзани со организираниот криминал и ги истакнува нивните главни активности и грижи.

Клучни сознанија:

  1. Помалку од 1 % од над 100.000 граѓански организации регистрирани во Западен Балкан директно се занимаваат со прашања поврзани со организиран криминал или корупција.
  2. Секоја заедница има различен пристап во борбата против видот организиран криминал и корупција од којшто е засегната. Но, во секој случај, успешни активности се оние кои се креативно приспособени на локалната заедница и ја вклучуваат заедницата во сите нивоа на процесот.
  3. Граѓанското општество спроведува широк спектар на активности за борба против организираниот криминал и корупцијата низ целиот регион. Младинските организации, социјалните претпријатија, граѓанските организации кои обезбедуваат услуги и локалните медиуми/истражувачките организации се покажаа како особено успешни влезни точки.
  4. Постои мала соработка и суштински недостиг на доверба помеѓу граѓанското општество и владините институции во сите земји од Западен Балкан. Граѓанското општество треба да најде рамнотежа помеѓу конструктивното критикување на владите за да ги повика на одговорност и да биде отворено за ангажман со владите за да влијае врз промените.

Серија на извештаи за отпорност на Балканот

Серијата разгледува теми од заеднички интерес за граѓанското општество во Западен Балкан кои се занимаваат со прашања поврзани со организираниот криминал. Осмислена е како продолжение на извештајот Посилни заедно и неговите препораки.

„Родот и организираниот криминал“ разгледува како граѓанските организации ги земаат предвид родовите аспекти во нивната работа. Извештајот, исто така, ќе даде примери и студии на случаи од регионот.

„Младите и организираниот криминал“ ги испитува ризиците и ранливостите што ги привлекуваат младите кон организираниот криминал и анализира како граѓанското општество кое работи со младите или коешто е предводено од младите се обидува да се спротивстави на овој феномен.

„Социјална реупотреба на средствата“ ја оценува правната рамка за конфискација на средствата и социјалната реупотреба во Западен Балкан и ги истакнува добрите практики. Исто така, објаснува зошто е толку важно одземањето на профитот од криминалот и како враќањето на конфискуваните средства на општеството ѝ помага на заедницата да се справи со организираниот криминал.

Организации кои добиле донации:

Нашите донатори:

Нашата работа за отпорност на Западен Балкан великодушно ја поддржуваат владите на Германија, Холандија и Норвешка.