Loading

Дијалози за зајакнување на отпорноста во Западен Балкан

This page is also available in English, GermanAlbanian and Bosnian-Montenegrin-Serbian.

Што претставуваат дијалозите за отпорност?

Дијалозите за отпорност се серија настани во заедницата, каде меѓу актерите на граѓанското општество се споделуваат знаење и искуство со цел да се зајакне нивната отпорност на организираниот криминал. Тие нудат безбеден простор за размена и заедничко учење за сите учесници и можност за идентификување заеднички области на работа, како и создавање мрежа за размена и поддршка од заедницата.

Дијалозите за отпорност се дел од напорите на ГИ-ТОК за зајакнување на отпорноста на граѓанското општество против организираниот криминал во Западен Балкан. Тие се организираат секоја година на национално и регионално ниво.

Преглед на дијалозите за отпорност од 2020 г.

Дијалозите за отпорност во Западен Балкан првпат беа организирани во ноември 2020 година. Поради пандемијата на КОВИД, настаните се одвиваа во хибриден формат со над 110 претставници на локалните медиуми, академската заедница и невладините организации.

Дијалозите за отпорност од 2020 година се организираа со две главни цели:

  1. Да се здружат актерите за отпорност во секоја земја за подобро да се разберат локалните трендови и актуелните прашања, како и одговорите на нив поврзани со организираниот криминал и корупцијата во нивните заедници.
  2. Да се идентификуваат заеднички области на работа, да се создадат мрежи за размена и поддршка од заедницата и да се проценат потребите за зајакнување на отпорноста на граѓанските организации кои се занимаваат со организиран криминал и корупција.

Во секоја од шесте земји, учесниците се фокусираа на локалните предизвици и грижи. Подолу се резимирани главните поенти:

Тирана, Албанија:

• Во Албанија е тешко да се известува објективно. Претставниците на медиумите тврдат дека многу медиуми се поврзани со политички партии, а самите новинари практикуваат самоцензура.

• Има мала соработка помеѓу приватниот сектор и невладините организации бидејќи оние компании кои бараат соработка се или водени од влијателни политичари или криминални актери, а другите компании немаат пари да ги поддржат активностите на граѓанските организации.

• Социјалните претпријатија и понатаму се ретки во Албанија, но има некои забележителни примери кои работат со младите ширум земјата. Ова може да претставува драгоцена можност за граѓанските организации да генерираат сопствени средства и да станат финансиски поодржливи.

Сараево, Босна и Херцеговина

• Граѓанските организации најмногу информации за организираниот криминал и корупцијата добиваат од сензационалистички и таблоидни весници. Има малку објективни информации за темата, што придонесува за фрагментирано разбирање на феноменот.

• Постои заедничко чувство/сфаќање дека малку може да се постигне работејќи за граѓанскиот сектор во Босна и Херцеговина. Претставниците се согласуваат дека политичките врски се неопходни во многу делови од нивната работа.

Приштина, Косово

• Ситуацијата во северно Косово е различна во однос на остатокот од земјата, како во однос на трендовите на организиран криминал/корупција, така и во однос на ангажманот на граѓанското општество. На пример, додека на граѓанското општество во северниот дел му се достапни средства за работа на прашањата на организираниот криминал и корупцијата, сериозните безбедносни грижи ги спречуваат повеќето луѓе да бидат ангажирани во граѓанскиот сектор.

• Граѓанските организации изјавија дека немаат капацитет да истражуваат незаконски финансиски активности, освен корупцијата. Други изјавија дека се чувствуваат дека се сами во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Подгорица, Црна Гора

• Во последниве години, граѓанските организации се сфаќаа себеси како опозиција на владата бидејќи самата политичка опозиција беше слаба. Невладините организации и медиумите се возбудија за неодамнешните избори и можните промени. Иако не очекуваат владата да трае долго, желни се да го искористат овој новосоздаден простор.

• Се чини дека граѓанскиот сектор е многу поларизиран. Наместо да создаваат синергии преку меѓусебна работа, многу актери на ГО претпочитаат независно/поединечно да работат на нивните проекти/тема.

• Една од ретките теми каде што се чини дека постои консензус меѓу ГО е потребата од слободен пристап до информации.

Скопје, Северна Македонија

• Корупцијата треба да се решава и од горе надолу (доаѓа од владата) и од долу нагоре (преку притисок од јавноста). Важно е да се започне со решавање на секојдневната корупција меѓу јавните служби, во болниците итн. и обелоденување на прекршоците на корумпираните политичари.

• Прашањата за организираниот криминал и корупцијата треба да се доближат до заедницата, а нивното влијание да се објасни на лесен и разбирлив начин.

• Граѓанските организации изразија неподготвеност да постават лого на меѓународни донатори на своите проекти/веб-страници бидејќи се плашат дека донаторот нема да ги поддржи во нивните локални институции.

Белград, Србија

• Пред неколку години, донаторската заедница очекуваше поголем ангажман на граѓанските организации со седиште во Белград со локалните организации, со што поголемите невладини организации се претворија во мини донатори. Ова го промени односот помеѓу поголемите и помалите граѓански организации и ја направи соработката „барање на донатори“ наместо партнерство.

• Некои граѓански организации не можат да си дозволат да не работат со владата и да аплицираат за јавни средства. Сепак, само мал број од нив успеваат да добијат поддршка бидејќи се чини дека владата финансира претежно невладини организации кои ги одразуваат нејзините ставови.

Исход од дијалогот: Извештај Посилни заедно

Овој извештај е резултат на дијалозите за отпорност што се одржаа во 2020 година и го разгледува организираниот криминал во Западен Балкан од перспектива на граѓанското општество. Дава преглед на тоа како граѓанските организации во Западен Балкан се справуваат со прашањата поврзани со организираниот криминал и ги истакнува нивните главни активности и грижи.

Преглед на дијалозите за отпорност од 2021 г.: фокус на градење мостови со владата.

Во 2021 година, во периодот помеѓу септември и декември, во шесте главни градови на регионот на Западен Балкан се организираа дијалози за отпорност во форма на состаноци со физичко присуство. Секој настан обезбеди простор за граѓанското општество да се поврзе и да размени искуства, како и за дискусија за актуелните прашања и трендови поврзани со организираниот криминал и корупцијата во регионот.

Зошто е важно да се градат мостови со владата? И кои се моменталните предизвици околу соработката?

Западен Балкан претставува тешко опкружување за работа на граѓанските организации, особено со оглед на тоа што просторот за невладините организации и независните медиуми се намалува. Граѓанските организации се предмет на кампањи за оцрнување, притисок, па дури и заплашување од голем број актери.

Се чини дека има огромен недостаток на доверба од обете страни. Некои граѓански организации сметаат дека владата е проблем, додека пак, невладините организации некои ги гледаат како предавници на владата и општеството.

Сепак, постои одреден степен на соработка помеѓу граѓанското општество и локалните и централните владини структури во сите шест земји од Западен Балкан и повеќето сметаат дека соработката со државните институции е неопходна за унапредување на нивните иницијативи.

Ова е причината зошто оваа година дијалогот за отпорност се фокусираше на градење мостови со владата. Учесниците не само што разговараа за актуелните предизвици, туку и разменија идеи за заедничките влезни точки во заедничката борба против организираниот криминал, како и за следните чекори напред.

Сите дискусии се одржаа според правилата на „Чатам Хаус“, но слушнете повеќе од некои учесници во дијалогот: